Не треба Гоце Делчев да го присвојуваме, факт е дека бугарската страна го смета за бугарски револуционер и прашањето ќе го решиме во духот на заедничката историја, се само дел од изјавите на премиерот Зоран Заев кои укажуваат на тоа дека тој веќе ги прифатил бугарските барања по прашањето за Гоце Делчев дека тој и припаѓа на бугарската историја.
Иако во Македонија, Гоце Делчев се смета за идеолог и човекот околу кој се градени современата македонска држава и македонскиот идентитет, сепак премиерот Заев вели дека тој не може да биде само Македонец.
Ако ние го присвоиме да биде само Македонец Гоце Делчев, има иднина со Бугарија? Тоа не е решение, рече македонскиот премиер пред два дена во неговото интервју на Канал 5 телевизија, велејќи дека двете страни мора да ги исполнат своите обврски од Договорот.
Но, кои обврски ги има Македонија и што подразбира таа заедничка историја од Договорот. Бугарија е децидна дека Македонците и македонскиот идентитет се измислени во 1944 година од страна на Тито, за да се замени бугарскиот идентитет на оваа територија. Според нив целата наша историја пред 1944 година и припаѓа на бугарската и токму тоа е таа заедничка историја на која инсистираат. Односно, терминот „заедничка историја“ за Бугарија значи дека македонската историја е дел од бугарската, а со тоа и Гоце Делчев и илинденскиот период околу кои се градени современата македонска држава и идентитет, треба да и припаѓаат на Бугарија.
Тоа значи дека доколку премиерот Заев инсистира прашањето на Гоце Делчев да се реши во согласност на заедничката историја тоа подразбира дека веќе се откажал од македонските црвени линии и прифаќа дека тој е бугарски револуционер.
На тоа јасно укажува и неговата изјава од мај годинава кога рече дека е верува во решение во духот на заедничката историја кое ќе го направи среќен и бугарскиот народ.
Верувам дека и прашањето за Гоце Делчев ќе го решиме во духот на заедничката историја, каде што двата народа, и македонскиот, и бугарскиот, ќе останат горди народи. И тука да нема дилема, изјави премиерот Зоран Заев за медиумите во мај годинава.
Бугарските власти не отстапуваат од нивните барања и нивните црвени линии и јасно ни дадоа до знаење дека ќе ја блокираат Македонија на патот кон ЕУ доколку истите не се прифатат. Македонските власти веќе отстапија од црвените линии, што значи дека прашањето за Гоце Делчев ќе биде решено во корист на бугарските барања, само прашање на време е кога тоа ќе биде официјално соопштено.
Comments are closed for this post.