Договор за државна помош согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите денеска во Владата потпишаа министерката за странски инвестиции Зорица Апостолска и Пламен Цеков, основачот и извршен директор на најголемата бугарска софтверска компанија „Скејл Фокус“, со кој таа се обврзува во наредните пет години да инвестира 45 милиони евра во земјава и да отвори повеќе од 300 работни места за софтверски инженери.
„Скејл Фокус“, која според извештајот на „Фајненшал тајм“ за 2019 година е во 1.000-те најбрзорастечки компании во Европа, веќе на почетокот на овој месец ја отвори својата фирма во Скопје во која првично ќе работат 85 лица, а во наредните пет години нивниот број ќе стигне до 300. Компанијата има над 1.000 вработени и свои канцеларии во Бугарија, САД, Обединетото Кралство, Швајцарија и Германија и работи за 300 клиенти од кои 200 се од листата на најбогатие 500. Таа во моментов работи на 500 проекти.
Како што истакна премиерот Зоран Заев по потишувањето на договорот, „Скејл Фокус“ планира да отвори Центар за обука и развој на млади таленти во Скопје во вредност од два милиони евра.
– Најголемата бугарска софтверска компанија во наредните пет години е подготвена да инвестира 45 милони евра кај нас. Во нивниот бизнис план е запишано – повеќе од 34 милиони евра во плати за повеќе од 300 работици, повеќе од шест милиони евра во давачки за Буџетот, повеќе од три милиони евра за закупнина на деловен простор, повеќе од два милиона евра за обука и развој на вработените. Почнуваат со 85, а таргетот им е вкупно 300 работни места, рече Заев.
Во новата коммпанија во нашата земја, додаде премиерот, ќе се реализираат унапредени верзии на софтверските производи на оваа компанија во областа на дигиталните трансформации, електронското управување и сигурност и заштита на податоци, како и во целосна изградба и одржување на софтверски системи и решенија на највисоко ниво. Тие ќе се интегрираат во постоечките водечки проекти на најпознатите компании како ИБМ, Оракал, Мајкрософт,…
Основачот и извршен директор на „Скејл Фокус“, Цеков рече дека виделе оти во земјава има многу талентирани млади луѓе на кои, како што рече, треба да им се даде можност во ИТ индустријата за софтвер.
– На тој начин ќе се создаде средна класа која ќе работи на светски проекти со европски плати. Имаме добро искуство со работници од Македонија. Затоа Македонија ја гледаме како најдоброто место каде можеме да ја направиме нашата најголема инвестиција во странство, рече Цеков и се заблагодари за поддршката од Владата.
Тој нагласи дека бизнисот гледа напред и воопшто не му е важно минатото, туку иднината и додаде дека во ИТ секторот се говори само еден јазик – англискиот.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев посочи дека и оваа инвестиција, која е една од трите што беа најавени пред некој ден, а сега веќе станаа четири зашто има уште една потврда, покажуваат дека Законот за финансиска поддршка на ивнестициите е вистинскиот потег што го направи Владата.
– Историјата и времето покажа дека е еден од најдобрите индустриски потези во државата. По овој закон договори потпишаа над 27 странски компании, а го користат и над 200 домашни компании. Исплатата на домашните компании кои аплицираа со бизнис планови за пет години врз база на инвестициите во 2018 година ќе биде завршена до крајот на неделава со што ќе бидат исцрпени сите средства во Буџетот за таа намена. Со тоа 2019. ќе биде година во која Владата доделила најголема поддршка во последните 30 години на економијата, рече Анѓушев.
Тоа, како што најави, како тренд ќе се задржи и во наредната година, а согласно проекциите во Буџетот за 2020 година, дури и ќе биде зголемено.
– Во „Скејл Фокус“ веќе работат 10 до 15 наши граѓани на релација Скопје – Бугарија, а некои од нив се во Бугарија. Добро е што сите ќе се вратат во нашата држава и својата работа ќе ја обавуваат од канцеларијата во Скопје, рече Анѓушев и додаде дека Скејл Фокус веќе ја отвори својата фирма во државава и од почетокот на месецов ја отпочнаа својата инвестиција.
Comments are closed for this post.