Нема име, нема Нобелова награда за премиерот, нема добри соседи, нема датум за почеток на преговорите со ЕУ. Целиот тој напор на власта со продажбата на националните интереси не ги даваат очекуваните резултати како што ветуваа, така што ова неспособно политичко лидерство на социјалдемократите и интегративците, признале или не, на следните парламентарни избори, биле тие предвремени или редовни, скапо ќе ја платат цената за својата политичка (не)одговорност, а богами и кривична во иднина.
Што се однесува до проширувањето, Европа е голема и убава куќа во која живееме заедно. Пред неколку години, еден член на семејството одлучи да замине. Тој се мачи да ја напушти куќата. Понекогаш имаме тешкотии да ја реновираме куќата, да го поправиме светлото, струјата. Кога ги прашуваме нашите членови дали се подготвени да инвестираат во поправка на светлото или на вратата, голем број велат дека не сакаат да инвестираат во таа куќа, не повеќе од 1%. Понекогаш истите тие, покрај тоа што не знаат како да ја напуштат или да ја реновираат таа куќа, велат дека ќе поканат нови другари и другарки. Вака францускиот претседател ја опиша состојбата во која се наоѓа Европската Унија и тој не е далеку од вистината во неговата приказна. После Брегзит на ЕУ и се потребни реформи, но пред се вистинската намера на францускиот претседател е Франција да биде новиот силен политички лидер во Европа. Тој признава и ја споделува истата геополитичка и стратешка визија со германската канцеларка за Западен Балкан и неговото значење за ЕУ, но француското НЕ за доделувањето на датум за преговори е пред се во насока на јакнење на француската позиција на силен лидер во самата ЕУ. Историски погледнато, повторно сме жртва на геостратешките и дипломатски игри на големите сили. Исто така, овој пат одложувањето на датумот за преговори е поради слабиот дипломатски капацитет на власта да излобира датум за почеток на преговорите со ЕУ.
И сега што понатаму? За вицепремиерот за европски прашања (и за интегративците) и со датум и без датум за нив сонцето, и натаму ќе изгрева на Запад, а тоа кажано во стилот на неговиот ментор – албанскиот премиер за кого исто така сонцето повторно ќе изгрее. На нив не им треба ЕУ, за нив е важна Америка. Точно и проверено. Премиерот сепак останува оптимист до небото, наспроти неговите изјави дека владата е мртва, доколку овој пат нема датум за почеток на преговорите со ЕУ. И додека сите сме во очекување на абер од Брисел, во меѓувреме власта наместо да лобира за датум, тие си бркаат бизниси во ЕУ договарајќи милионски тендери, а пак тука дома си подготвуваат закончиња со европско знаменце за опојни дроги и психотропни супстанции. Приватните интереси пред државните.
Дали ќе пропадне државата, ако овој пат не добиеме датум за преговорите со ЕУ? И после француското НЕ, државата ни напатена нема да пропадне, но со оваа власт уште толку ќе потонеме што веќе сме на дното, ама кој знае, кај нас и дното може да има дно. Единствено надеж за да не го допреме ова другото дно има во повикот на опозицијата, и на македонската, и на албанската за предвремени избори. Ако францускиот претседател вели дека на европската куќа и треба реновирање, тогаш на овој наш скромен дом му е потребна целосна обнова. А со оваа багра на власт сигурно е дека нема да не биде, затоа час поскоро е потребно да се даде шанса на опозицијата да ја води државата понатаму. А датумот, датумот здравје на пролет!
Comments are closed for this post.