„Ретки се можностите да одбележиме ребрендирање на земја. Таков е случајот со Северна Македонија, место најпознато само како Македонија, која има свежо ново име по децениската политичка дебата со соседната Грција“. Вака започнува коментарот на познатиот издавач на туристички водичи Lonely Planet што ја рангираше земјава на третото место како најдобра туристичка дестинација за 2020 година.

Но не сме сами во ребрендирањето на земјата. Така и владата во Хаг одлучила да поработи на ребрендирање на името на државата од Холандија во Недерланд како дел од обидите за подобрување на глобалниот имиџ. Властите оцениле дека треба да се обнови сликата за земјата и да се подобри нејзиниот имиџ, бидејќи името Холандија на туристите ги асоцира на наркотици и амстердамскиот кварт на црвените фенери. Ете некои земји се ребрендираат од мака да го подобрат имиџот на земјата, а ние од мака од соседите само и само тие да бидат среќни, а на наша штета.

А минатата седмица после големото француско NON на одлуката за датум за отпочнување на преговори со ЕУ следуваше експресен консензус помеѓу политичките партии за одржување на предвремени парламентарни избори на пролет. Значи залудно се ребрендиравме. Но, ајде барем во НАТО ќе бидеме. Но што ќе имаме ние од тоа, освен што ќе бидеме поредниот воен полигон на Западот. Дали НАТО ќе ни ја подобри економијата, образованието, здравството, социјалата? NON, другари и другарки, или граѓани и граѓанки како што милуваат да се обраќаат претставниците на власта.

Реформите за подобрување на општеството зависат од нашата работа, а најмногу од тие што ја водат државата. Затоа ќе треба да ги засукаме ракавите и да се зафатиме со вистински реформи. А додека чекаме датуми и се надеваме на некој однадвор да ни ги среди работите тука дома, се до тогаш нема да НЀ биде!

Викаат дека зимата кај нас е најкраткото годишно време, а пролетта брзо доаѓа. Ќе дојде и времето за предвремените парламентарни избори. Но ајде малку политичка историја за да се потсетиме на предвремените парламентарни избори во минатото. Првите предвремени парламентарни избори беа во 2008 година веднаш по самитот на НАТО во Букурешт кога нашата држава беше блокирана од јужниот сосед поради спорот со името. Вторите предвремени парламентарни избори се одржаа во 2011 година кога за првпат во странство македонските државјани избираа свои пратеници.

Третите предвремени парламентарни избори во 2014 година совпаднаа со вториот круг од редовните претседателски избори. И последните предвремени парламентарни избори беа во 2016 година што следуваа по политичката криза и постигнатиот Пржински договор. На сите досега предвремени парламентарни избори победувала опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Многумина би се согласиле дека оној што бил на власт и што ги организирал изборите ја имал контролата над државните ресурси, па така би следувало дека полесно ќе победи на изборите.

Да, тоа е генералното мислење кај нас и скоро непобиен факт. Но, ете последните предвремени парламентарни избори беа спроведени од техничка влада во која учествуваа и власта и опозицијата, но повторно победи моменталната опозиција со што се негира тоа генерално мислење за очекуваниот победник на изборите.

И така ние сме свикнале да преживуваме од избори до избори, живеејќи во постојана криза без извесен крај. Изборите, кризите, несигурноста се наш стил на живот со кој сме свикнале да живееме безмалку три десетилетија. Но последните претседателски избори и резултатите од тие избори всушност беа и одраз на апатијата и умореноста на гласачкото со избори и кризи, така што сега сите политички партии тоа го забележаа и пред да настапи кризата (француското NON) ги облекоа патиките и истрчаа на терен подготвувајќи се предвреме за избори. И се поставува прашањето што ќе понудат политичките партии во предизборното мени на гласачите?!

Моменталната власт сигурно ќе понуди реформи за идна европска интеграција придавајќи си додадена вредност со идното членство во НАТО, а атакувајќи на опозицијата дека се уште работи под сенката на почесниот претседател. Опозицијата сигурно ќе понуди реформи за обнова на земјата од апект на економски напредок и европски реформи, а главниот напад ќе биде кон премиерот, кој што ќе настојува по секоја цена да остане криејќи се во најбезбедната зона за него како партиски лидер на социјалдемократите. А интегративците што заборавија како е да се биде во опозиција, најверојатно како и секогаш, докажано, повторно ќе играат на етно-националната карта за да ги привлечат своите гласачи. Тоа го видовме од примерот кога вицепремиерот за европски прашања излезе во заштита на Законот за јазиците атакувајќи на препораките од Венецијанската комисија.

И дали го заслуживме француското NON? Најверојатно НЕ! И дали вредеше да се прават договори со соседите? Со договорот од Преспа го изгубивме монополот на името Македонија и загубивме многу од идентитетот, а доби јужниот сосед и доби НАТО. А со договорот за добрососедство единствено само дадовме аргументи на источниот сосед за долгорочно да бидеме уценувани во нашата идна европска интеграција. Тоа веќе се покажа со примерот на рамковниот договор на бугарската влада пред француското НЕ. Но, не е се така црно. Ете следната година треба да биде убава година.

Сепак, Lonely Planet не рангираше на високото место како туристичка дестинација што вреди да се посети. Ете, следната година ќе постанеме и 30-та членка на НАТО. Следната година на пролет ќе имаме и предвремени парламентарни избори. А можеби ќе добиеме и датум за почеток на преговори со ЕУ. А може и конечно да се преброиме. Но, исто така најверојатно уште долго време ќе останеме заглавени чекајќи пред портите на ЕУ. Така што најдобро ќе биде да се завртиме наоколу и да видиме дека политичкиот свет е многуполарен и да започнеме да користиме од партнерство со сите поголеми сили од нас, бидејќи во спротивно навистина во буквален смисла ќе постанеме Lonely Planet!