Откако два дена ги пустошеше Бахамите, при што загинаа најмалку седум лица и имаше катастрофални штети, ураганот Доријан стигна во близина на источниот брег на централна Флорида.
Брзината на ураганот се намали, со оглед на тоа што Доријан стана ураган од втора категорија, затоа што неговите најсилни ветрови паднаа на 175 километри на час, но затоа, пак, невремето порасна во големина, со ветрови кои се проширија на околу 95 километри од неговиот центар, соопшти Националниот центар за урагани со седиште во Мајами (НХЦ),.
На патот кон Флорида, бурата во текот на вчерашниот ден го промени правецот што значи дека Флорида најверојатно ќе биде поштеден од директен удар, стои во прогнозата на НХЦ.
На оваа патека, јадрото на ураганот Доријан ќе се движи опасно близу до источниот брег на Флорида и брегот на Џорџија вечерва до среда навечер. Претходно се предвидуваше оти Доријан ќе се доближи или ќе дојде над брегот на Јужна и Северна Каролина во четврток до петок наутро, изјави претставничка на ХНЦ.
На островот Гранд Бахама состојбата на тропска бура ќе продолжи уште неколку часа, иако се очекува да се намали нивото на водата и на островите Абако, каде се очекуваат големи и разурнувачки бранови во близина на брегот.
На Бахамите досега загинаа најмалку седум лица, а повеќе од 13.000 куќи се сериозно оштетени или уништени од ураганот, соопштија локалните власти.
Премиерот на Бахамите Хуберт Минис изјави дека бројот на загинатите се зголемил од пет на седум лица откако двајца од 25-те луѓе кои беа пренесени на островот Њу Провиденс, починале.
Можеме да очекуваме повеќе смртни случаи. Сегашните бројки се врз основа на првични информации по прелиминарните проценки на островите Абако, на кои исто така има сериозни оштетувања на домови, деловните објекти, другите згради и инфраструктурата – изјави Минис.
Премиерот додаде дека првичната проценка на островот Гранд Бахама ќе биде извршена веднаш штом биде безбедно да се направи тоа.
Според првичните проценки, на околу 60.200 луѓе на Гранд Бахама и Абако може да им биде потребна помош во храна, изјави портпаролот на Светската програма за храна на ОН, Херве Верхосел.
Comments are closed for this post.