Деновиве ми се јави еден драг пријател од странство, странец кој е буквално вљубен во македонската традиција и култура и кој со посебна страст ги следи политичките случувања во земјава од странство. Пријателот ми вели: „Is it getting better now?“, т. е. во превод дали оди на подобро. На тоа му велам, да пријателе, ваму викаме „Господ да чува од бетер“! Тој за момент се зачуди на мојот одговор, но потоа му објаснив дека тоа нашето „бетер“ има сосема спротивно значење за разлика од нивното “better”. Тој за момент се подзамисли, но познавајќи го нашиот менталитет рече дека се труди да разбере оти повеќето работи тука што се случуваат кај нас, а особено во политичкиот живот, обично отстапуваат од повеќето општоприфатени норми и стандарди во светот.
Потоа, разговорот тргна за тоа што е актуелно во периодов на политички план во земјава. Реков ете имавме жешко политичко лето, власта ни приреди дузина скандали како на реалити шоу, од кои „Рекет“ беше ремек-делото од скандалите и криминалите на власта. А главната ѕвезда од СЈО, мислам на Специјалката и институцијата што беше создадена во очекување да спpоведува вистинска правда во земјата се претвори во политичка инквизиција во рацете на власта да лови вештерки за кои само власта сметаше дека правеле црни магии. И дека си имаше една посебна групичка спонзорирана од власта што од потенцијалните вештери(ки) изнудуваше милиони евра во замена за занемарување на вистинската правда. А таа, Специјалката ете неславно заврши седнувајќи од другата страна на правдата. Па ете сега, после неколкумесечни преговори помеѓу власта и опозицијата за судбината на СЈО, од власта како по навика имаат „план Б“ само и само да ја постигнат целта на штета на својот народ.
Во текот на разговорот, пријателот рече дека матрицата на мислење на оваа власт е да мисли и планира подмолно, т.е. дека тие што во моментов ја водат државата имаат криминален ум и затоа се случува тоа што се случува на политички план во државата. Низ разговорот се потсетивме дека оваа власт имаше „план Б“ кога се менуваше државното име, првично рекоа дека ќе се почитува волјата на народот на референдумот за промена на државното име, но бидејќи резултатите од референдумот не беа по желба и вкус на власта, тие веднаш најдоа „план Б“ во Собранието и започнаа со промена на името. Потоа, преку нивниот „план Б“ изнајдоа дополнителни осум пратеници за да постигнат двотретинско мнозинство и ги направија уставните измени и промената на името. Така, од „планот Б“ на оваа власт и од сите нивни идни планови може да се очекува дека ќе бидат подмолни и на штета на граѓаните.
И кон крајот на разговорот со мојот пријател од странство, дискутирајќи за политичките случувања во земјава, ме праша и сега што ќе биде, реков дека нашите политичари се тркаат со времето. Власта чека побрзо да дојде октомври во очекување дека ќе има датум за почеток на преговори со ЕУ, брзаат со донесувањето на законите и сѐ се прави на брзина по скратена постапка прикачуваји им на предлог законите европско знаменце, и дека власта се држи како давеник за сламка за датумот за почеток на преговори со ЕУ и влезот во НАТО, надевајќи се дека тоа ќе им донесе повисок рејтинг на идните избори. И опозицијата, исто така се трка со времето со надеж дека ќе има предвремени парламентарни избори за да дојде на власт. А пак, додека власта и опозицијата се тркаат со времето во државава, народот го живее времето во надеж дека ќе биде better, а притоа молејќи се Господ да пази од бетер!
Comments are closed for this post.