Именувањето на специјален претставник на САД за З.Балкан минатата недела укажува дека сме во фаза на решавање на (барем дел од) клучните прашања во регионот. Подготвеното дочекување на именувањето на Палмер од Белград и Приштина и затеченоста на Скопје стана јасно кога Димитров ден пред именувањето, неселективно прифати да ги „сподели“ вредностите на загатнатиот „нов пристап“ на ЕУ кон овој регион, во кој Могерини инсистира на секојдневно присуство, а Макрон бара да нема американско учество (во решенијата на споровите).

Личи дека нашето поимање за регионот, земјите во него и односот на големите сили кон нив е заснован на историографските и политичките доктрини изградени пред четириесетина години. Македонскиот пристап по ова прашање како дополнително да е заглавен во поимањето на политичките елити во САД и ЕУ-членките како константа, наместо постојаноста да ја бара во нивните надворешни политики и интереси. Ако не погледнеме „надвор од кутијата“ (ќе) остануваме неподготвени кон отворените прашања и нивното решавање денес и во блиска иднина.

Некои историски сличности на контекстите

Без обид за многу детали во ограничен простор, да тргнеме од тоа дека улогата на КПЈ е значајна и за Македонија и за Косово. По признавањето на македонската засебност низ АВНОЈ, АСНОМ ја обликува државноста во федерацијата; повоениот статус на Косово во Србија, пак, е последица на позициите на југословенските и албанските ком-партии во услови на „лебдење во воздухот“ на неформалниот проект на балканска федерација. Интересни се уште пар сличности скриени од она што беше екс-партиска доктрина и историографска реторика. До активирањето на Темпо во Македонија, КПМ е маргинална; Косово во 1945 има „цели“ 1700 членови на КПЈ. Оттука и сличноста во „одоброволувачкиот“ пристап на Белград кон Косово и Македонија низ Законот за ревизија на доделувањето земја на колонистите и аграрните инсенти, кој на крајот завршува сепак пред се во национализирање и колективизирање земјоделски површини и дејности. Тука некаде, во лавирањето меѓу државните и партиските политики, Македонија и Косово, како и Србија и Ц.Гора влијаат и се влијаени од ју-албанските односи и биполарниот свет до 1991.

Навистина, статусите и на Македонија и на Косово еднакво зависеле од односите на поголемите сили и нивното преточување во географските карти. Но, различно одеа до своето стекнување на независноста. За разлика од Македонците кои бираа политичари што низ плтаформи бараа форми на ју-презервација, Албанците во Југославија низ статусот на република бараа инструмент на самоопределување. Всушност, јасно е дека

Сличностите не ги исклучуваат и разликите

За колективната меморија на Македонците, со мали исклучоци, 1970/80-тите се ера на романтична заспаност. За Албанците тие се време на политичка борба во покраината и со федерацијата. За разлика од македонската економија каде државата и партијата го менаџираа капиталот и фирмите и ја чуваа чаурата на македонската социјална, општествена и економска „нирвана“ се до втората фаза на приватизацијата во 1990-тите, косовскиот случај е спротивен. Парадоксално, токму изостатокот на крупни државни инвестиции во косовската економија, масовната емиграција на Запад и одбојноста на системот да ги вклучи Албанците во креирањето на општествениот капитал, а подоцна и во неговата приватизација – кај нив го одржа и зајакна преприемништвото. Тоа за самоуправната економска матрица на Македонците градена четири децении, практично беше непоимливо, заради градените перцепции.

Можеби затоа денес Косово привлекува повеќе (странски) инвестиции одошто Македонија која има повеќе министри од инвестиции. Во Косово дипломати, медиуми и политичари отвораат прашања за корупцијата на сите нивоа, а во Македонија борбата е како низ медиумите „Рекет“да се сведе на фризурите по распитите на разни Бокици, Катици и Лилици и како да ставиме „мораториум на дивоградби“ во Охрид. Македонија гради пруга кон Бугарија веќе 20 години, а Косово веќе автопатски е поврзано со соседите. Во Косово се исплаќа бруто плата со која располага вработениот, а во Македонија 42% од платата отпаѓаат на придонеси кон здравствен и пензиски фонд што без буџетски дотации колабираат за две месеци.

Затоа, наједноставна проверка на перцепциите можеме да направиме кога, патувајќи за Приштина на пр., ќе си одговориме на прашањето дали одиме

„Во Косово“ или „На Косово“

Лексичко подржавување или покраинизирање на косовската територија е реторичка илустрација на психологијата во третманот на реалноста на Балканот денес кај секој од нас. Имено, одењето на остров што е дел од морето се разликува од одењето во држава различна од другите со кои граничи.

Политиката на косовската независност дефинирана од Ругова, го замени концептот на „Голема Албанија“ со независни и блиски Косово и Албанија, држави на Албанците кои граничат и со Македонија, чии граници се неспорни. Притоа не треба да се испушти од вид дека независноста на балканските нации беше поддржана од американската надворешна политика што на Балканот веќе цел век застапува решавање на националните прашања според концептот човековите права кои се остваруваат низ владеењето на правото и пазарната економија.