Најмалку 24 луѓе загинале, а 53 се повредени во нападот изведен за време на воена парада во југозападниот иранскиот град Ахваз, што се наоѓа во близина на границата со Ирак. Според информациите, нападот го извршиле вооружени луѓе, коишто одненадеш почнале да пукаат врз војниците на парадата.

Напаѓачите, за кои локалните медиуми наведоа дека биле двајца, се неоѓале зад бината и почнале да пукаат кон учесниците и гледачите на парадата. Потоа се обиделе да пукаат кон личностите кои биле на сцената, но тогаш биле неутрализирани од силите на редот. Иранските медиуми наведуваат дека најверојатно напаѓачите се ранети.

Голем број цивили, меѓу кои и жени и деца кои дошле да ја гледаат парадата се межу жртвите на нападот, објави државната агенција ИРНА, повикувајќи се на неименуван функционер.


Овој напад предизвика гнев кај официјалните лица на земјата, па така, веднаш по инцидентот министерот за надворешни работи на Иран, Мохамад Џавад Зариф, порача дека брзо и одлучно ќе одговорат на нападот.

Регрутирани терористи, обучени, вооружени платеници на странски режим го нападнаа Ахваз. Иран ќе одговори брзо и одлучно, бранејќи ги животите на Иранците – напиша Зариф на Твитер.


Во дел од медиумите се наведува дека нападот го извеле припадници на „Такфирија“, термин кој во Иран се користи за т.н. Исламска држава.

Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот.