Откако пред два дена, речиси без никаков отпор, ја освоја целкокупната власт во Авганистан, талибанците вчера војната во оваа земја ја прогласија за завршена. Во своето прво појавување во јавноста преку портпаролот на движењето Забихула Мухаџид, тие ветија амнестија за сите Авганистанци и почитување на дел од западните вредности, што не беше случај при нивното прво неколкугодишно сурово владеење со оваа истоштена земја. Во Кабул е релативно мирно, без поголеми инциденти, што е веќе поздравено од дел од „големите играчи“ на светската сцена. И на аеродромот во главниот град се чини Американците го вратија редот и дисциплината, за процесот на евакуација на странците и Авганистанците, кои сакаат да си заминат, да може да тече непречено.
Се уште е непознаница што ќе донесат следните денови и недели и колку Западот може да им верува на ветувањата на талибанците, заради нивото претходно искуство, но, се чини, и САД и Русија , но и ЕУ, полека ја подотвораат можноста за идна, евентуална соработка со нив, само под услов да ги почитуваат меѓународните обврски, на што првично завчеравечер повика Советот за безбедност на Обединетите нации. САД, Русија, Иран и уште неколку земји најавија дека нивните дипломатски претставништа ќе продолжат со работа во земјата и под власта на талибанците, додека тие од своја страна повеќе пати нагласија дека сиот дипломатски имот е безбеден.
Паралелно со овие процеси во Авганистан, меѓу највлијателните земји во светот, но и меѓу членките на НАТО и ЕУ, срамежливо но се погласно почнуваат да се бараат причините за фијаското во земјата на паштуните, како и да се лоцира одговорноста. Почнаа прозивките и префрлањата за одговорност за крахот на системот што се градеше 20 години, а почна да тоне со најавата на американскиот претседател Џо Бајден од 1 мај до крајот на август да почне и заврши повлекувањето на американските и сите странски војски од Авганистан. Планот за повлекување, со договорот од Доха, лани го постигна претходниот американски претседател Доналд Трамп.
Талибанците во своето прво јавно појавување по освојувањето на власта од прозападната влада на Ашраф Гани, објавија дека војната во Авганистан е завршена и дека сите нивни противници ќе бидат помилувани.
„Војната заврши … лидерот им прости на сите“, рече портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, додавајќи дека тие се посветени да им дозволат на жените да работат во согласност со принципите на исламот.
Comments are closed for this post.