Силна експлозија одекна во северозападната провинција во Сирија, Идлиб, што е под контрола на бунтовниците, при што загинале најмалку 15, а повредени се триесетина лица, главно цивили. Тимови на Цивилната заштита се на терен, и во тек се акции за спасување. Причинета е значителна штета на зградите и возилата во околината.

Спасувачките екипи се во потрага по жртвите, кои се затрупани под урнатините на зграда со четири ката.

Според информациите од Сирискиот центар за човекови права, причината за експлозијата првично не е позната. Од организацијата велат дека најверојатно станува збор за автомобил-бомба или некое друго возило со експлозив.

Сириски медиуми јавуваат дека се работи за експлозија на автомобил, а нападот го припишуваат на „терористи“.

Експлозијата се случува еден ден пред почетокот на новиот круг сириски мировни преговори, чиешто место на одржување е во Казахстан.