Одделот за работа со архивите на Министерството за државна безбедност (Штази)  на бившата Источна Германија (ГДР) во Дрезден меѓу документите открил сертификат за работа издаден на име Владимир Путин, пишува германски „Билд“. Според весникот, документот бил складиран во одделот „Персонал и квалификација“ на бившата единица на Штази во Дрезден.

Сертификатот издаден на името на мајор Владимир Путин на 31 декември 1985 година има своерачен потпис и бил обновуван  на секои три месеци до крајот на 1989 година. Според раководителот на Дрезденскиот клон на одделот за работа со архивите на Штази, Конрад Фелбер, со тој документ вработениот тогаш во одделот за КГБ во Дрезден, Путин, имал непречен пристап до службите во ГДР без да е обврзан да соопштува дека работи во советската тајна полиција. Сертификатот, исто така, му ја олеснувал работата околу врбувањето агенти во бившата Источна Германија.

Советската КГБ и источногерманската Штази беа партнерски служби и можеа  да разменуваат документи за своите соработници, го коментира пишувањето на „Билд“ портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Според неговите зборови, повеќе информации за случајот во моментот можат да се побараат во Службата за надворешно разузнавање на Руската Федерација.

Но, можам да го претпоставам следното. Како што е познато, во тоа време, во времето на СССР, и КГБ и Штази беа партнерски служби, така што најверојатно не може да ја исклучиме можноста за таква размена на сертификати, објасни прес-секретарот на Путин.

По завршувањето на Ленинградскиот државен универзитет во 1975 година, Путин е испратен да работи во Комитетот за државна безбедност на СССР. Во 1985 година тој е испратен во бирото на КГБ во ГДР и работи во Дрезден до 1990 година. Таму е ангажиран како висок комесар и висок помошник началник на оддел.

Путин за својата работа во Германија јавно зборуваше во филмот на новинарот Андреј Кондрашов, прикажан во почетокот на 2018 година. Притоа, тој раскажуваше за настани од крајот на 1989 година, кога демонстранти  навлегуваа во зградата на Штази во ГДР и потоа сакаа  да влезат во зградата на КГБ. Во тој момент Путин имал улога на преговарач и не им дозволил на демонстрантите да влезат во претставништвото на КГБ.