Унгарија и Полска ставија вето на буџетот на Европската унија и со тоа го блокираа пакетот средства за обновување на економијата по корона кризата за сите 27 земји.

Позицијата на двете земји беше официјално објавена вчера на состанокот на амбасадорите на земјите-членки на Европската унија во Брисел. Ветото на Будимпешта и Варшава се должи на новиот буџетски механизам, кој го поврзува добивањето на средства од ЕУ со владеењето на правото.

Заканите од Будимпешта и Варшава од последните две недели станаа реалност и ЕУ е во опасност од нова криза: да ја започне новата финансиска година без усвоен буџет.

ЕУ моментално се наоѓа во длабока економска криза поради пандемијата на коронавирусот, така што постапките на Будимпешта и Варшава се крајно ризични.

Со своето вето, Унгарија и Полска ја блокираат повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ од 1.800 милијарди евра, од кои дел се за посебен фонд за обновување од коронавирусот во висина од 750 милијарди евра.