Украина денеска ја одбележува 85-годишнината од погромот во 1933 година или, како што Украинците го нарекуваат, „Голодомора“ (истребување со помош на глад, украински), јавуваат агенциите.
Прашањето кој го нареди тоа и ден денес останува актуелно за Украинците, иако за него со децении дебатираат и историчарите.
По наредба на Сталин, советските власти во текот на 1932 година започнуваат со кампања за принудна колективизација, во чии рамки се конфискуваат зрнестите култури, житото, маслото, зеленчукот и добитокот на селаните, оставајќи ги на тој начин да гладуваат.
Трагедијата, која според некои историчари е смислено и тивко извршена од советската власт за да ги прекине копнежите на Украинците за независност, предизвикала смрт на милиони луѓе. А, има и податоци за случаи на канибализам.
„Од 1932 до 1934 година гладта убива 13% од украинското население-3,9 милиони луѓе, од кои еден милион деца на вораст под две години“, посочуваат најновите податоци од истражувањата на Украинскиот демографски институт. Советските власти, кои со децении ги прикриваа настаните, ја блокирале доставата на прехранбени производи до регионите погодени од глад и продолжувале да го извезуваат житото во странство, иако секојдневно умирале илјадници луѓе.
Украина, која секоја четврта сабота во ноември го одбележува Денот на поклонение пред жртвите од гладта, во 2006 година „Голодомора“ го прогласи за геноцид против украинскиот народ. Русија, каде исто така неколку милиони луѓе стануваат жртви на гладта во 1933 година, со децении се спротивставува на таквото толкување.
Comments are closed for this post.