Министерството за надворешни работи на Турција ги демантираше извештаите во кои се тврди дека Анкара разгледува одложување на набавката на рускиот противвоздушен ракетен систем С-400, пренесува агенцијата Анадолија.

Извештајот на одредени медиуми во последните денови, во кои се вели дека Турција разгледува одложување на набавката на С-400 на барање на Соединетите американски држави е неоснован. Нашиот процес за набавка на С-400 оди според планот“ – изјави Хами Аксој, портпарол на Министерството за надворешни работи на Турција.

Аксој нагласи и дека понудата на Турција да се формира работна група со САД за да се разговара за набавката на С-400 и понатаму е во сила.

По пропаднатите преговори за купување на американскиот противвоздушниот систем „Патриот“, Турција во 2017 година одлучи да купи од Русија софистициран ракетен систем С-400.

Вашингтон и се закани на Анкара со воведување на санкции поради набавката на таквите ракети, тврдејќи дека користењето на хардверот на овие системи на територија на членка на НАТО би и овозможило пристап на Русија до доверливи воени информации на Алијансата.