Вашингтон и Анкара постигнаа договор за ослободување на американскиот пастор Ендрју Брансон, кој е обвинет за тероризам во Турција, во замена за укинување на американските санкции кон Анкара, тврди весникот „Вашингтон пост“.

Според весникот, договорот предвидува повлекување на дел од обвиненијата против Брансон, со тоа што тој би бил осуден на затворска казана во траење на периодот што тој веќе го мина во притвор или пак би му било дозволено остатокот од казната да го отслужи во САД.

„Вашингтон пост“ тврди дека ваквиот договор бил постигнат на маргините на заседанието на Генералното собрание на ОН во Њујорк кон крајот на минатиот месец, на кое присуствуваа и претседателите на двете држави.

Новото рочиште од процесот против Брансон, кого турските власти го товарат за „терористички активности“ и дека работел во интерес на мрежата на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен и на Курдската Работничка Партија (ПКК), е закажано за денеска.

Обвинителството побара од Судот Брансон да биде осуден на 35 години затвор, имајќи предвид дека по една од точките на обвинението тој се товари и за „шпионажа за политички или воени цели“. Брансон (50) беше уапсен во 2016 година, а кон крајот на јули затворскиот притвор му беше заменет со домашен.

Според  „Вашингтон Пост“, можно е пасторот да биде ослободен уште денеска или пак да биде пуштен да се брани од слобода до конечното изрекување на пресудата.