Поради опасен топлотен бран што го зафати централниот дел и источниот брег на САД  загрозени се повеќе од 200 милиони луѓе. Регистрирани се исклучително високи температури, а највисоката е измерена во главниот град на Ајова, Де Мојн од 48,3 степени Целзиусови.

Издадени се предупредувања за повеќето сојузни држави во САД – од Канзас до Охајо и од Северна Каролина до Њу Хемпшир.

Се очекува претстојниот ден да биде најтопол во одделни градови. Во Њујорк и Филаделфија се очекуваат најтопли денови уште од 2012 година, а во Вашингтон температурата ќе биде над 38 степени, првпат од 2016 година.

Метеоролозите предвидуваат намалување на температурите на почетокот од следната недела, кога ќе се спуштат на околу 26 степени. Наглото разладување би можело да донесе и силни бури.