Токио е најбезбеден град во светот, а Амстердам – во Европа, вели Индексот на најбезбедни градови во светот објавен од „Economist intelligence unit“. Ова рангирање се состои од дигитална, инфраструктурна, здравствена и лична безбедност на граѓаните.

По главниот град на Јапонија, втор најбезбеден град во светот е Сингапур, додека јапонска Осака е на третото место на таа листа. Истите градови ги заземаа овие позиции и во рангирањетои за 2015 и 2017 година.

На списокот се наведени 60 градови, а индексот се обиде да го опфати концептот на „урбана еластичност“, односно можноста на градовите да апсорбираат шокови и да закрепнат од нив, велат истражувачите.

Како и во претходните години, во ова најново рангирање, азиско-пацифичкиот регион доминира во првите десет најбезбедни градови. Освен трите првопласирани, меѓу првите десет се и Сиднеј од Австралија (5), јужнокорејскиот Сеул (8) и уште еден австралиски град, Мелбурн (10).

Меѓу првите десет има два европски и два северноамерикански градови.

Од Европа, Амстердам е четврти, а Копенхаген осми на листата, додека од градовите во Северна Америка, канадскиот Торонто е шести, додека главниот град на САД, Вашингтон е седми.

Лагос (нигерија), Каракас (Венецуела), Јангон (Мјанмар), пакистанскиот Карачи и Дака (Бангладеш) се на последните пет позиции на тој индекс.