Товарен, 198 метри долг брод, кој на својата палуба превезувал 3.500 автомобили од марката „нисан“, се изгуби во Тихиот Океан за време на неговата пловидба од Јапонија до САД, соопшти „Аутомтив њус“.

Во понеделникот, на околу 1.800 милји од хавајскиот остров Оаху, екипажот на бродот Sincerity Ace испратил сигнал за пожар на палубата и соопштил дека екипажот ќе биде евакуиран.

Трговските бродови, што се наоѓале во близина, успеале да спасат 16 души од 21-члениот екипаж на бродот. Тројца од морнарите се сметаат за мртви, а двајца се прогласени за исчезнати.

Бродот Sincerity Ace бил изграден во 2009 година и е во сопственост на јапонската компанија Shoei Kisen Kaisha. Претставници на „Нисан“ официјално потврдија дека на палубата имало 3.500 нивни автомобили, но не се исклучува бродот да превезувал и други марки автомобили, зашто неговиот капацитет бил за 5.400 автомобили.