Најмалку 18 луѓе загинале, а десетици се повредени во силна експлозија што одекна на Техничкиот колеџ во Керч, во источниот дел на рускиот полуостров Крим.

Првичните информации за силната експлозија беа дека станува збор за истекување на гас, но подоцна од рускиот антитерористички комитет потврдија дека станува збор за импровизирана експлозивна направа.

Бомбата била детонирана во универзитетската кантина, поради што најголем број од жртвите се студенти на колеџот.

Министерството за здравство нареди да се организира итна хеликоптерска евакуација на посериозно повредените до поголемите руски медицински центри.

Ова е првиот голем терористички напад на Крим од 2014 година, кога граѓаните на полуостровот на референдум изгласаа да се одвојат од Украина и да се припојат кон Русија.