Тереза Меј останува на чело на Конзервативната партија, а со тоа и на британската Влада, откако вечерва го „преживеа“ гласањето недоверба, при што 200 пратеници и дадоа поддршка, а 117 беа против.

На неа и беше потребно просто мнозинство за да остане лидер на партијата, односно доволни и беа 159 од 317 гласови на конзервативците. Според британските закони, една година по гласањето доверба, не може повторно да биде поднесена иницијатива за разрешување од партиската функција.

Меј денеска се соочи со гласање доверба, откако 48 пратеници од нејзината, Конзервативна партија, предадоа писма на претседавачот на Одборот на партијата, во кое инсистираат на такво гласање.

Меј, пред гласањето  изјави дека планира да ја напушти функцијата пред парламентарните избори во 2022 година.

Меј се обрати на Комитетот 1922, орган задолжен за внатрешната организација на Конзервативната партија пред гласањето недоверба, покренато од противниците на Договорот кој таа го постигна со ЕУ за Брегзит.

По гласањето на кое ја доби поддршката, Меј рече дека „значителен број колеги“ гласале против неа, но инсистира на тоа дека „треба да се продолжи со задачата за спроведување на Брегзит согласно гласањето“.

Политичарите од сите страни треба да се здружат и да дејствуваат во национален интерес – изјави Тереза Меј во обраќањето на Даунинг стрит.