Русија го прогласи  военото аташе од Амбасадата на Словачка во Москва за персона нон грата и му даде рок од два дена да ја напушти државата, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Мерката е преземена како одговор на одлуката на Словачка, донесена на 22 ноември, да протера руски дипломат. Таквата одлука на Словаците Москва го оцени како непријателски чин.

Официјална Братислава на почетокот на декември соопшти дека протерала руски дипломат откако добила информација од военото разузнавање, поради тоа што тој наводно се занимавал со шпионажа во државата, која е членка на НАТО и ЕУ.

Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова изјави дека соодветната нота за словачкиот дипломат му била предадена на словачкиот амбасадор во Москва на 11 декември.