Претстојниот извештај на ОН за климатските промени и дава на меѓународната заедница најјасно предупредување за опасностите од забрзување на климатските промени, изјави денеска претседателот на COP26, Алок Шарма.

Шефот на самитот што ќе се одржи во ноември во Глазгов, Шкотска, за Обсервер рече дека извештајот на Меѓувладиниот панел за климатски промени (ИПЦЦ), кој се очекува утре, ќе покаже дека светот е на работ на потенцијална катастрофа.

– Ова ќе биде најсилното предупредување досега дека човечкото однесување алармантно го забрзува глобалното затоплување и затоа ова е моментот кога треба да реагираме, рече Шарма.

– Не можеме да си дозволиме да чекаме две години, пет години, 10 години – ова е моментот, додаде тој, објаснувајќи дека ако нациите „не дејствуваат сега, за жал, нема да имаме време“.

Шарма рече дека прави сè за да постигне договор за спорната цел за ограничување на затоплувањето до 1,5 степени, одржувајќи голем број виртуелни и лице в лице состаноци, додека се обидува да овозможи консензус на 197 земји за таа цел