Џорџ Сорос ја диктира мигрантската политика во Брисел, обвини денес на прес-конференција портпарол на унгарската владејачката партија Фидес-КДНП.

Според Лорин Наска, таканаречениот „План Сорос“ е спроведен во Брисел и според него треба да се населуваат мигранти низ Европа. Намерата, според тој Соросов план е да се измени структурата на населението во Европа, и тие лично или преку нивни луѓе го надгледуваат спроведувањето на планот.

Според Наска, Сорос имал повеќе од 20 тајни средби зад затворени врати лице влице со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, потпретседателот Франс Тимерманс и со еврокомесарот за миграции, Димитрис Аврамопулос.

Христијанско-демократската фракција на Фидес истакнува дека Џорџ Сорос плаќа луѓе за да одат во Европскиот парламент секој ден и оти тие се вклучени во конкретни проекти за миграциите, односно во креирањето на политиките во Брисел. На средбата со новинарите, Наска информирал дека повеќе од 220 европратеници, меѓу кои и од унгарската левица, се под контрола на Сорос и тие во последните неколку години секогаш гласале за „милитантните мигрантски предлози“.

Тој додава дека милијардерот почнал интензивна изборна кампања за наредните европски избори во мај, со цел да го зајакне влијанието во Брисел, па затоа и ги мобилизира луѓето низ Европа. Според Наска, тој сака да обезбеди мнозинство во новиот Европски парламент „со цел да го забрза процесот на населување мигранти, да ги ослаби националните држави и да ја уништи христијанската култура“.

Портпаролот на КДНП, како што објави Маѓар идок, вели дека „Соросовиот план“ почнал да се применува на глобално ниво, а доказ за тоа е Пакетот на ОН за миграциите.

Сорос го надитри Брисел – истакнув на крај Наска.