Силна експлозија утрово го потресе Париз. Горат згради во деветтиот кварт, а оштетени се и автомобили во околината. Најмалку 20 лица се повредени според извештаите на француските медиуми.

Полицијата соопшти дека избувнал пожар во една од продавниците, проследен со силна експлозија, за која се верува дека е предизвикана од истекување на плин.

Од експлозијата, настрадале повеќе автомобили и околните објекти.

Портпаролката на полицијата во Париз изјави дека пожарникарите се наоѓаат на местото на експлозијата. Таа рече дека неколкумина од повредените биле пријавени во полицијата, но дека немало мртви.

Во Париз и повеќе други француски градови денеска ќе се одржат нови антивладини протести на „жолтите елеци“, поради кои низ земјата се распоредени 80 илјади полициски службеници. Засега експлозијата не се поврзува со демонстрациите.