Шпанската Влада повторно препорачува рестриктивни мерки и карантин за главниот град Мадрид, откако локалните власти воведоа ограничувања во одредени области.

Ова го најави министерот за здравство, Салвадор Ила. Новите ограничувања се очекуваа откако потврдените случаи во државата надминаа 700 000, а повеќе од една третина од сите хоспитализирани во Шпанија се во Мадрид.

Антонио Запатеро, регионален заменик-началник за здравство, рече дека ограничувањата ќе влијаат на 167 000 луѓе во осум нови области. Тие нема да можат да го напуштат својот кварт, освен до работа, училиште и медицински причини.

Мадрид го зголеми бројот на блокирани области од 37 на 45.

Околу 6,6 милиони луѓе живеат во главниот град, но главната грижа е што има нагло зголемување на приемите во болница. Во последната недела, речиси 500 пациенти беа хоспитализирани секој ден.