Укинувањето на вонредната состојба и ноќниот полициски час воведен поради пандемијата, кој важеше шест месеци и беше укинат на полноќ, Шпанците го прославија на улиците на градовите низ целата земја.

Во Мадрид полицијата мораше да растера толпа млади луѓе од главниот плоштад Пуерто дел Сол, каде што се забавуваа, а голем број тинејџери и возрасни на плоштадите и плажите во Барселона го славеа укинувањето на мерките.

„Слобода“, извикуваше Хуан Кадавид, кој се дружеше со пријателите. Тој рече дека по малку се плаши од ковид, но се зажелел за гужви.

25-годишник од Барселона со нетрпение ја очекувал можноста да се врати на работа во ресторанот, кој беше затворен во последните седум месеци, поради ограничувања поврзани со пандемијата.

Од денес се повторно отворени рестораните, кои ќе работат до 23 часот, но со ограничувања на бројот на гостите на 30% од капацитетот и максимум четири лица на маса.

Со укинувањето на вонредната состојба, забраните за патување во регионите на Шпанија се укинати, а многу мерки во врска со социјалните собири се олеснети.

Само во четири од 19 региони сѐ уште е во сила полицискиот час.

И покрај критиките од некои регионални функционери и опозиционери, шпанската владејачка левичарска коалиција одби да ја продолжи вонредната состојба, која претставуваше правен чадор за усвојување сеопфатни мерки против ковид-19, кои ги ограничуваат основните слободи.

Премиерот Педро Санчез рече дека постојните регулативи треба да бидат доволни како реакција на епидемијата на регионално ниво, бидејќи вакцинацијата се забрзува.

Бројот на нови инфекции со коронавирусот во Шпанија во изминатите 14 дена се намали на 198 нови случаи на 100.000 жители во петокот, иако Мадрид и северниот дел на Баскија имаат повеќе од двојно поголема стапка.