Германскиот министер за здравство, Јенс Шпан, денеска соопшти дека очекува актуелниот недостиг на вакцини против коронавирусот да продолжи до април, откако владата се соочи со бројни критики за брзината на програмата за вакцинирање, а германскиот тиражен весник „Билд“проблемите околу набавката на вакцините ги нарече „скандалозни“ .

Ќе имаме барем уште 10 тешки недели со недостиг на вакцини, напиша Шпан на Твитер, пренесен од британските медиуми.

Германскиот министер кажа дека сака да организира состанок со фармацевтските компании и производителите на вакцини за да се осигура дека Европа ќе ги добие договорените испораки и да утврди каде може да се направи поголема поддршка.

Се уверил, вели, дека производството на вакцини е многу комплициран процес и дека не може да се направи за само неколку недели, доколку повеќе што треба да се исполнат стандардите за квалитет.

Во вторникот, Шпан го поддржа предлогот на Европската унија за воспоставување единствен извозен регистар за вакцините против Ковид-19, бидејќи тензиите со „АстраЗенека“ и „Фајзер“ секојдневно растат поради драстичниот пад на испораките само еден месец откако Унијата почна да ги вакцинира граѓаните.

Германија денеска соопшти за нови 17.553 случаи на коронавирус и уште 941 смртни случаи, а министерот рече дека е охрабрувачки што бројот на нови случаи се намалува, и дека ако продолжи овој тренд, училиштата и градинките треба да бидат првите што повторно ќе се отворат по „локдаунот“, што е предвидено да трае до 14 февруари, соопштија британските медиуми.