Саудискиот министер за внатрешни работи денес ги демантираше обвинувањата дека е дадена наредба да се убие новинарот и дисидентот Џамал Хашоги и ги осуди како „неосновани лаги”.

Принцот Абдел Азиз бен Сауд бен Најеф рече дека неговата земја е приврзана кон „традицијата на почитување на меѓународните правила и конвенции“, пренесе официјалната саудиска агенција СПА.

Џамал Хашоги не е виден откако влегол во саудискиот конзулат во Истанбул на 2 октомври по документ кој му бил потребен за венчавка.

Турската полиција и бројни медиуми веруваат дека тој бил убиен во конзулатот.

Портпаролот на турското претседателство Ибрахим Калин вчера изјави дека е формирана турско-саудиска работна група која ќе го истражува исчезнувањето на новинарот.

Вашингтон пост пренесе дека турската влада ги информирала американските власти дека има аудио и видео доказ дека исчезнатиот саудиски новинар е убиен и исечен на парчиња во конзулатот на својата земја во Истанбул.

Весникот, чиј колумнист бил Хашоги, се повика на неименувани функционери дека снимките покажуваат дека саудиските безбедносни оперативци го уапсиле Хашоги на 2 октомври, кога дошол во конзулатот.