Илјадници граѓани се собраа во главниот град на Унгарија, Будимпешта, на протест против новиот закон за труд и, како што наведуваат медиумите, против растечкото авторитарно владеење на премиерот, Виктор Орбан.

Протестот се одржа под мотото „Среќен Божиќ господине премиер“ и четврти по ред протест во последната недела што го организираат левичарските опозициски партии, студенти и групи граѓани коишто се спротивставуваат на Владата на Орбан, пренесува Ројтерс.

Демонстрантите во прошетката од Плоштадот на хероите до парламентот вееја знамиња на Унгарија и на Европската Унија.

Со новиот закон за труд, на работодавачите им се дозволува да бараат 400 прекувремени часови годишно, поради што критичарите го нарекоа „закон за робови“.

Како одговор на протестите, партијата на Орбан, „Фидес“ соопшти дека е се поочигледно дека учесниците на протестите се криминалци коишто ги организира мрежата на Џорџ Сорос.