Бројот на имигранти од државите на Европската унија, според плановите на Владата во Лондон за преземање на контролата врз британските граници, ќе биде драстично намален, а некои групи дури и до 80 отсто. Намерите на кабинетот ќе бидат објавени наскоро од министерот за внатрешни работи, Саџид Давид, соопшти „Тајмс“.

Промените треба да станат реалност од 1 јануари 2021 година, кога истекува договорениот  преоден период по Брегзит. Целта е имиграцијата од ЕУ да се намалува по 10.000 луѓе годишно. Според податоците од јуни 2018 година за претходните 12 месеци, имиграцијата од останатите 27 држави во Унијата изнесувала 74.000 луѓе, што претставува најнизок показател во последните шест години. Плановите на кабинетот се кон 2025 година оваа бројка да не надминува 25.000 луѓе, при што предност ќе им се дава на квалификуваните работници.

Ова е очигледно од планираните корекции наведени од медиумот-висококвалификуваните Европејци во наредните шест години треба да се намалат од 15.000 (во 2017 г.) до 11.000, додека средноквалификуваните ќе бидат драстично намалени од 18.500 до 4.500. За европските граѓани со ниски квалификации (40.000 во текот на минатата година) ќе биде речиси невозможно да влезат во државата и да бараат работно место.

Нискоквалификуваните Европејци ќе можат да добиваат виза за престој за период од една година, но само ако доаѓаат од држави „со низок ризик од злоупотреба на имиграцијата“. Работниците со средни квалификации ќе добиваат работна виза само ако докажат дека имаат договор со годишен приход не помал од 30.000 фунти, дополнува „Тајмс“.

Планираме да преземеме целосна контрола над тоа кој може да влегува во Велика Британија, при што приоритет ќе даваме на поседувањето знаење од кое државата има потреба, а не на тоа од која држава доаѓаат, вели извор на „Тајмс“.

Истовремено, министерот за надворешна трговија Лијам Фокс не бил задоволен од тоа што Џавид не го информирал за плановите, зашто тие можеле да влијаат негативно врз инвестициите во британската економија.

„Тајмс„ го опишува Џавид како член на едно од трите крила во владата, кое е со центристичка позиција околу Брегзит-против нов референдум, но за поблиски односи со ЕУ од типот на оние, што ги има Норвешка. Бившиот банкар и заштитник на слободниот пазар има 48 години, заземал различни позиции во кабинетот и е популарен меѓу членовите на Конзервативната партија. Тој е наследник на имигранти од Пакистан и се смета за евроскептик. Во 2016 година гласал на референдумот за останување во ЕУ и посебно потенцирал дека во својот кабинет има портрет на Маргарет Тачер.