По години преговори меѓу земјите и институциите на Европската Унија, од денеска за првпат станува оперативно првото обвинителство на ниво на ЕУ со задача да истражува и гони криминал поврзан со злоупотреба на буџетот и фондовите на Унијата.

Главна обвинителка е Романката Лаура Ковеси, која изутринава од Луксембург, каде е седиштето на обвинителството, вети дека оваа институција ќе работи за заштитата на основните принципи на ЕУ, како и буџетот на ЕУ.

Лаура Ковеши често доаѓаше во Македонија и ја поддржуваше некогашната специјална обвинителка Катица Јанева која беше осудена поради случајот „Рекет“.

Тие две важат за добри пријателки.

-Имаме суштинска улога да одиграме за довербата на граѓаните на ЕУ да биде посилна од било кога, изјави Ковеси.

Само неколку земји на ЕУ не учествуваат во новото заедничко обвинителство: Шведска, Данска, Ирска, Полска, Унгарија, иако Шведска најави желба да се приклучи од идната година.

На обвинителството ќе му помагаат и другите релевантни тела, како Европол и ОЛАФ, во гонењето на буџетски криминал во земјите членки. Граѓаните и ентитетите од сега ќе можат да се обратат на едно место во случај на сомнеж за злоупотреба на европските пари, со што треба да се поедностават процедурите.

Еврокомесарката за транспарентност, Вера Јурова, изјави дека ова е историски ден за Европската Унија и потсети дека во 2019 година само, илјада случаи на злоупотреба на ЕУ пари се пријавени, во износ од околу 460 милиони евра.

-Со новите алатки за економско заздравување на ЕУ пост-ковид, влогот е поголем од било кога, рече Јурова, и додаде дека ниту едно евро не смее да биде изгубено.

Од своја страна Дидие Рејндерс, еврокомесар за правда, додаде дека ова е ново поглавје во борбата против прекуграничниот криминал во ЕУ.