Шведската влада во средата презентираше неколку предлози што ќе овозможат привремено затворање на трговските центри, спортските сали и други локации, поради страв од евентуален трет бран на пандемија на коронавирусот.

Предлозите се во согласност со привремените зголемените овластувања на владата и се сметаат за неопходни во случај на трет бран.

Владата нагласува дека е загрижена од ширењето на нови видови коронавирус кои се позаразни.

Ситуацијата нè загрижува. Не е познато како ќе се развие и постои ризик од трет бран – рече министерката за здравство Лена Халенгрен на прес-конференција.

Новите предлози ќе ги опфатат трговските центри и услужниот сектор каде одржувањето на далечина е тешко, вклучувајќи ги фризерските салони, спортските сали, базените и рестораните.

Локалните власти исто така може да забранат пристап до локации каде што луѓето се собираат во голем број, како што се јавните паркови.

Сите овие мерки треба да бидат на сила до 11 март.

Шведска неодамна ја продолжи забраната за продажба на алкохол од 20 часот до крајот на февруари.

Неодамна е воведено ограничување на бројот на патници во автобусите и возовите. Дозволени се јавни собири до осум лица.

Земјата со 10,3 милиони жители во вторникот имала околу 617.000 заразени, а 12.487 починати од ковид-19.