Најмалку 18 лица, повеќето деца од школска возраст и наставници, настрадаа денеска во поплава предизвикана од обилни дождови во Јордан, во близина излетничко место на Мртво море.

Повеќето од загинатите се деца под 14 години.

Полицијата соопшти дека повеќе од 40 лица се спасени, меѓу нив има тешко повредени. Во операцијата за спасување учествуваат стотина војници. Помеѓу настраданите и повредените се и семејства кои биле на пикник во популарната дестинација, соопштуваат спасувачите.

Семејства цела ноќ се собираа пред болницата во близина на Мртво море, Јордан

Јорданските државни медиуми јавуваат дека кралот Абдулах го откажал патувањето во Бахраин за да го следи развојот на спасувачката операција.

Се стравува дека бројот на жртви ќе расте.

Израел испрати хеликоптери за пребарување и спасување во Јордан, соопшти израелската војска. Израелски тим, кој е испратен на барање на Аман, оперира од јорданската страна на Мртво море, се наведува во соопштението.