Американскиот државен секретар Мајк Помпео е убеден дека Велика Британија ќе им го испорача на САД основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, кој е обвинет за шпионажа, и покрај тоа што за тоа дело може да добие смртна казна.

Ние веќе поднесовме барање, така што тој ќе им биде испорачан на САД, изјави Помпео за еквадорскиот весник ‘Ел Универсо’, во текот на посетата на оваа земја.

Помпео го опиша Асанж како човек што го изложил светот на опасност и ги загрозил животите на американските војници и истакна дека мора да биде изведен пред суд и казнет.

Сослушувањето за евентуалното испорачување на Асанж на САД  ќе биде оддржано во Лондон кон крајот на февруари следната година.

Американското правосудство дозволува смртна казна за дела меѓу кои се наоѓа и шпионажата.

Асанж во моментов во Лондон отслужува казна од 50 недели затвор поради прекршување на условите на кауцијата. Тој мина седум години во еквадорската амбасада во Лондон за да го избегне предавањето на Шведска каде што требаше да биде на суд за наводно силување.