Полицијата во Колумбија трага по српскиот државјанин А.М., осомничен за шверц на поголема количина дрога од Јужна Америка во Европа, откако спектакуларно избега од аеродромот во Рионегро, кај Меделин, во моментот кога требало да биде екстрадиран во Италија!

Осомничениот бил уапсен на 9 мај откако со лажни документи пристигнал во Колумбија од Доминиканската Република. Полицијата тогаш утврдила дека се работи за тежок криминалец кој соработува и со озлогласената италијанска мафија „Ндрангета“ и кој е осомничен дека учествувал во шверц на големи количества кокаин, хероин и хашиш од Јужна Америка во Европа.

Планот на полицијата бил да го качи во авион и да им го предаде на италијанските власти кои подолго време трагаат по него.

Меѓутоа, кога во средата во 19 часот и 30 минути на аеродромот „Хозе Марија Кордова де Рионегро“ пристигнал српски државјанин во придружба на полиција, побарал дозвола да купи шише вода, по што започнала филмска сцена, пред неколку стотици луѓе.

Осомничениот го искористил невниманието на полицијата и почнал да трча кон излезот. Пред аеродромот го чекал црн џип Ауди Q7 во кој имало неколку мажи, најверојатно негови соработници. Во еден момент почнале да пукаат кон полицајците кои биле принудени да возвратат. Сепак, српскиот државјанин успеал да стигне до автомобилот и да избега.