Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Европската унија сака од некои од нејзините членки да ја преземе одбраната на надворешните граници за да го олесни влезот на мигранти.
Орбан, кој е противник на миграцијата, на отворањето на есенската седница на унгарскиот Парламент рече дека бирократите од ЕУ „не сакаат да ја запрат миграцијата, туку сакаат да управуваат со неа“.
– Но, не е добро ако сакаат да ни го земат правото да ги заштитиме границите и ако Брисел сака да управува со одбраната на унгарските граници. Нашите граници ги штитат не само професионалци, туку и патриоти, рече Орбан.
Унгарскиот премиер ја цитираше изјавата на германската канцеларка Ангела Меркел од 12 септември, кога рече дека земјите-членки на ЕУ треба да препуштат некои свои овластувања на Фронтекс. Во истиот тој говор Меркел рече дека членките на ЕУ мора да го поделат товарот на миграцијата како знак на солидарност, на што тој се спротивставува.
– Нашата позиција за ова прашање е јасна – нашата татковина не е куќа низ која се поминува, ниту прифатен камп. Доколку посакаме да се мешаме со другите култури и цивилизации, тогаш ќе се консултираме и ќе одлучиме за тоа, истакна тој.
Орбан додаде дека сепак би го советувал унгарскиот народ против таа идеја и потврди дека унгарската Влада ќе поднесе жалба на процедуралните основи за минатонеделното гласање во Европскиот парламент со кое се покрена процес против Унгарија за кршење на владеењето на правото и вредностите на ЕУ.
Будимепшта тврди дека само со непресметување на воздржаните било можно да се достигне двотретинското мнозинство кое е потребно за започнување на процедура.
Comments are closed for this post.