Советот за безбедност и Генералното собрание на Обединетите нации го отпочнаа процесот за избор на нов генерален секретар за периодот од 2022 до 2026 година, функција за која повторно се кандидра и Антонио Гутереш.

Гутереш (71), поранешен португалски премиер, има силна поддршка во Генералното собрание (ГС) и во Советот за безбедност меѓу постојаните членки (САД, Русија, Кина, Франција и Велика Британија) за реизбор за генерален секретар со мандат од пет години.

Сепак, неколку невладини организации продолжуваат да го критикуваат Гутереш, оценувајќи дека не прави доволно за заштита на човековите права во светот.

Во заедничкото писмо до членките на ОН, се повикуваат да пријават кандидати до мај или јуни, кога треба да започне селекција. Според Повелбата на ОН, Советот за безбедност му препорачува кандидат на Генералното собрание и тој официјално го избира со транспарентна постапка во која е предвидено и негово сослушување.