Германија од денеска е во строг „локдаун“ како што беше во текот на март за време на првиот бран на пандемијата кога беа затворени рестораните, кафетериите и продавниците, а овојпат ограничувањата се уште позаострени.

Сите мерки кои канцеларката и 16-те премиери на германските покраини ги донесоа ќе бидат применувани барем до 10-ти јануари. Краткиот, но строг „локдаун“ треба да направи „пресврт“, односно да го намали бројот на новозаразени и смртни случаи.

Меѓутоа, останува отворено прашањето што ќе се случи ако бројот на новозаразени на почетокот на јануари и натаму биде значително поголем од 50 на 100 илјади жители во рок од седум дена. Голем број на експерти тврдат дека бројките ќе продолжат да бидат високи, а на почетокот на годината драстичните ограничувања ќе бидат продолжени.

Пет лица – пријатели, роднини или познаници и натаму ќе можат да се сретнат приватно, но само ако се од две домаќинства. Ова нема да важи за децата помлади од 14 години.

Во текот на Божиќните празници, од 24-ти до 26-ти декември ќе дојде до попуштање на мерките – тогаш ќе биде дозволено како гости да дојдат најмногу четири лица „од најтесниот семеен круг“кои не припаѓаат на домаќинството. Тоа значи дека правилото од максимално пет лица ќе биде дозволено да биде прекршено во многу семејства.