Во Украина и официјално се отвори за туристи епицентарот на Чернобилската нуклеарна хаварија. Станува збор за контролната сала на четвртиот реактор каде во април 1986 година се случи инцидентот. До хаваријата дојде откако инженерите, кои работеле во нуклеарната централа, го сопреле системот за ладење на нуклеарниот реактор како дел од тестот за безбедност.

Британскиот весник „Сан“ пред неколку дена пишуваше дека одлуката за отворање на контролната сала за туристи е резултат на огромниот интерес кон мини серијалот на НВО, кој беше посветен на најголемата нуклеарна хаварија во човечката историја.

Моментно, радијацијата во контролната сала е 40.000 пати поголема од нормалата. Од тие причини сите туристи ќе носат специјални заштитни маски и одела. Посетата ќе трае не повеќе од пет минути.

Минатата недела на група новинари и беше дозволено да ја посетат контролната сала. Од руската телевизија RT успеале да снимат видео од местото каде започнала хаваријата.

Мини серијалот „Чернобил“ предизвика огромен интерес не само кон фаталната атомска централа, туку и кон околните градови. Од почетокот на годинава градот Припјат, најблизок до централата Чернобил, го посетиле над 82.000 лица.