Дали денешните избори во САД навистина ќе бидат слободни и фер како и што и доликува на американската демократија, прашува во своја анализа Интерсепт. Притоа , независниот сајт кој го основаа двајцата новинари кои го напуштија „Гардијан“ по аферата со Сноуден, објавуваат некои подробности кои и не се познати речиси воопшто на Американците – дека ОБСЕ од 2002 година ги набљудува изборите на покана на Стејт департментот.

Така ОБСЕ на 26 октомври го објави прелиминарниот извештај, кој според Интерсепт, и не е баш пријатен за читање, а како клучна поента се поставува прашањето со правото глас кое има многу ограничувања.

„Правото на глас е прашање на многу ограничувања“, се предупредува во извештајот и се додава дека „тоа непропорционално се одразува кај расните малцинства“.

Ова не е прв пат ОБСЕ да го вклучува алармот, зашто и за претседателските избори во 2016 година покрај оценката дека тие биле „многу конкурентни“, сепак беше критикувана кампањата „карактеризирана со жестоки лични напади, како и нетолерантна реторика“, а изборните правила се менувани според партиска припадност.

„Правото на глас не е гарантирано за сите граѓани, оставајќи делови од населението без право на глас“, се наведува во извештајот за изборите во 2016 година.

Инаку, ОБСЕ ја почнува мисијата во САД по многуте забележани недостатоци на изборите во 2000. година, па во САД се стационира од 2002 година. И покрај тоа што ОБСЕ препорача повеќе мерки за изборите да бидат фер и спроведени на што е можно понепристрасен начин, сепак Американците не им обрнаа внимание на тие препораки и си тераат по свое.

„На САД и се неопходни посматрачи за изборите“, истакнува Џудит Кели, професор на Универзитетот Дјук, додавајќи дека тоа би можело да ги подигне изборните стандарди.

На денешните дополнителни избори за Конгресот ОБСЕ ќе има мала посматрачка мисија – 13 меѓународни експерти стационирани во Вашингтон Ди-Си и плус 36 посматрачи распоредени низ Америка. Ќе има и домашни посматрачи, но не во забележителен број затоа што не се мотивирани, а и имаат темна дамка на себе по одлуката на Врховниот суд во 2013 година  со кој му се врзуваат рацете на Одделот за правда во акредитирање монитори.

Но, ОБСЕ, иако мониторира избори во последните 20 години и бил присутен во 56 земји, на американска почва не се баш добредојдени. Особено во Тексас, од каде пред две години испратија порака дека нивните посматрачи ќе бидат третирани за криминалци заради кршење на изборното право.

Во кампањата потрошени 5 милијарди долари

Парите играат голема улога во изборите во САД, а така и овој пат. За изборите за Конгресот (Претставничкиот дом и Сенатот) ќе се потрошат неверојатни 5 милијарди долари, а можеби и повеќе и тоа се смета за рекордна сума. Во 2016 година изборите за Конгресот се потрошени 4 милијарди, што значи САД ќе го соборат тој рекорд.

Како индикатор за трошењето во кампањата се донациите, кои во овој циклус предничат демократите – речиси 1,5 милијарди евра, додека републиканците собрале една милијарда.

Дали сумите се индикатор кој ќе освои повеќе конгресни седишта е прашање на кое одговор ќе добиеме ноќеска со првичните изборни резултати.