Локалната исламистичка група „Нешенел Товид Џамат“, одговорна е за симултаните напади врз цркви и хотели за Велигден, соопшти владата на Шри Ланка.

Во меѓувреме, локалните медиуми јавуваат дека ден по нападот се случила уште една експлозија. Полицијата потврди дека станува збор за контролирана експлозија и дека пред тоа го обезбедила теренот, без да соопшти дали постои некаква поврзаност со претходните напади.


Портпаролот на владата рече дека нападот е изведен со помош на интернационална мрежа, а од владата потврдија дека во последните неколку недели во три наврати пристигнало предпредување за можен напад. Последната дојава била само на десет минути пред да експлодира првата од серијата бомби. Владата призна дека „пропуштила да помогне“.

Поголемиот дел од нападите биле извршени со самоубиство, а претходно полицијата извести дека ги извршиле седум бомбаши самоубици.

Силите за безбедност продолжуваат и денеска со претреси ширум островот. Властите во Шри Ланка воведоа и полициски час во главниот град Коломбо кој ќе трае од 20 до 4 часот.