Нов документ конечно го ослободува од вината Маринус ван дер Лјубе за палењето на Рајхстагот во 1933 година, соопшти ДПА.

Во архивите на судот во Хановер е откриен нотарски заверен документ од 1955 година од бивш член на Националсоцијалистичката партија од кој станува јасно дека Ван дер Лјубе пристигнал пред зградата кога таа веќе била зафатена од пламените јазици.

Изјавата е дадена од Ханс Мартин Ленингс, бивш член на паравоената нацистичка организација Штурмабтајлунг, повеќе позната како СА. Тој тврди дека лично го одвезол 24-годишниот холандски комунист Маринус ван дер Лјубе до Рајхстагот ноќта кога се случил пожарот, посочува Дојче веле.

Во својата изјава Ленингс вели дека кога тој и неговите колеги од СА со камион го одвезле Лјубе до германскиот парламент кога „од зградата веќе се разнесувал мирис на изгорено и во салите имало облаци чад“. Меѓутоа, не е јасно зошто СА го одвезле комунистот од медицинскиот центар, каде што се наоѓал, до Рајхстагот, но во изјавата јасно се посочува дека зградата веќе била во пламен во времето на нивното пристигнување.

Подоцна, откако признава дека сам го извршил делото, Ван дер Лјубе е обвинет за потпалувањето, бил осуден и егзекутиран. За време на процесот тој изјавил дека сакал чинот да послужи за сеопшто востание на комунистите против нацистите. Четири други лица обвинети за случајот се ослободени, а таквата одлука ќе го разгневи Хитлер.

Ленингс, кој умира во 1962 година, во изјавата посочува дека тој и неговите колеги протестирале против апсењето на Ван дер Лјубе. „Бевме целосно убедени дека Ван дер лјубе не може на никаков начин да е потпалувачот, зашто според тоа што го видовме, кога стигнавме пред зградата Рајхстагот веќе беше во пламен“, вели во изјавата Ленингс.

Тој тврди дека заедно со други сведоци бил уапсен и принуден да потпише документ во кој негира дека знае за инцидентот. Подоцна речиси сите вмеѓани во случајот со пожарот во Рајхстагот се егзекутирани. Меѓутоа, Ленингс бил предупреден и успеал да избега и да се сокрие во бившата Чехословачка.

Ленингс побарал изјавата да му биде запишана во 1955 година за случај ако делото за палењето на Рајхстагот биде обновено.

Со оглед на новите докази, во моментот историчарите се поделени околу прашањето кој точно го запалил германскиот парламент. Повеќето се согласни со тезата дека Ван дер Лјубе делувал сам, додека други ги обвинуваат повисоките нацистички функционери за смислено палење на зградата, со цел да го оправдаат отстранувањето на опонентите.

Во 2008 година Германија посмртно го ослободи Ван дер Лјубе по силата на донесениот во 1998 година закон со кој беа заменети сите пресуди на луѓе, кои извршиле престапи и биле осудени за време на нацистичкиот режим.