Нигериската полиција откри исламистичко училиште во Кадуни, на северот од земјата и ослободи повеќе од 300 мажи и момчиња, вклучително и малолетници кои биле затворени и оковани.

Водачите на училиштето ги држеле во нечовечки и понижувачки услови под изговор дека ги подучуваат на Куранот и дека „педагошки ги челичат“, објасни портпаролот на полицијата на регионот Кадуна.

Сопственикот на училиштето и неговите шест соработници се уапсени.

Пронајдовме стотина ученици, меѓу кои беа и деца од едвај девет години, затворени во мала просторија. Жртви се на злоставување. Некои рекоа дека биле силувани, додаде портпаролот.

Полицијата откри и соба за мачење каде децата со ланци биле врзувани и тепани ако наставниците оценеле дека нешто згрешиле.

Полициската рација следувала откако соседите повеќе пати се жалеле дека се сомневаат дека во училиштето се случува нешто ненормално.

Жртвите се со различни државјанства, а две од нив рекле дека нивните родители ги донеле од Буркина Фасо.

На фотографиите кои ги објавија нигериските медиуми се гледа момче чии грб е полн со отворени рани од камшикување, но и други со окови околу нозете, како и многу деца напикани во темна просторија.