Група вооружени лица денеска извршија напад врз зградата на Министерството за телекомуникации на Авганистан во центарот на главниот град Кабул.

Очевидци на настанот за западни медиуми изјавија дека прво се слушнала експлозија, по што уследила престрелка меѓу неколкумина вооружени лица и припадници на авганистанските безбедносни сили.

Вработен во Министерството за телекомуникации изјавил дека видел најмалку три вооружени лица, како влегуваат во зградата. – Едниот од нив активираше експлозив, а другите двајца се бореа со обезбедувањето, изјави службеникот.

Претставник на авганистанското Министерство за здравство информираа дека в болница биле пренесени шест ранети лица, но други извори неофицијално соопштуваат за најмалку тројца загинати.

Портпаролот на авганистанското Министерство за внатрешни работи, Насрат Рахми соопшти дека при престрелката со полицијата биле убиени двајца „терористи“, без да посочи дали има жртви меѓу припадниците на безбедносните сили.

Извори од безбедносните сили, меѓутоа, информираа дека по неуспешниот напад на зградата на Министерството, дел од напаѓачите се забарикадирале во блиската пошта.

Денешните борби во Кабул следат по вчерашното откажување на разговорите меѓу претставници на авганистанското општество и талибанците во главниот град на Катар, Доха.

Тоа требаше да бидат први разговори меѓу претставници на авганистанската Влада и талибанските бунтовници, со цел изградба на мерки на доверба и разгледување на можноста за отпочнување преговори за ставање крај на 17-годишниот конфликт во Авганистан.