На денешен ден пред 25 години стапи на сила Договорот од Мастрихт, со кој дотогашната Европска заедница беше преименувана во Европска унија. Со тој договор се утврдија и критериумите за влез во Економската и монетарната унија и воведувањето заедничка валута.

Договорот, со кој е создаден нов политички ентитет – ЕУ , стапи на сила на 1 ноември 1993 година. Договорот од Мастрихт настана по распадот на Советскиот Сојуз и обединувањето на Западна и на Источна Германија.

На 7 февруари 1992 година договорот го потпишаа претставници на 12 држави: Белгија, Данска, Франција, Германија, Грција, Ирска, Италија, Луксембург, Холандија, Португалија, Шпанија и Обединетото Кралство. Отогаш уште 16 држави пристапија во ЕУ и ги прифатија одредбите од Договорот од Мастрихт или договорите што следеа по него.

Европска унија е опишана како ентитет сочинет од три столба: првиот столб го сочинуваат три постоечки европски заедници – Европска заедница за јаглен и челик, Европска економска  заедница и Европска заедница за атомска енергија.

Вториот столб го сочинува системот на заедничка надворешна и безбедносна политика, а третиот ја опфаќа сферата, која се однесува на правосудството и внатрешната политика.

Со тој договор е наложено воспоставување монетарна унија со посредство на воведување единствена валута во три чекори, најдоцна до 1 јануари 1999 година. Европската комисија прва ја изнела идејата за единствена валута во раните 60-ти години на 20 век. Тој проект бил прекинат поради нестабилните економски услови во 70-тите години.

Европските челници повторно почнаа да ја разгледуваат идејата за единствена валута во 1986 година, а 1989 година се одлучија за премин во три фази.

Со договорот за Европската унија државите членки воедно означија нова етапа во интегрирање на народите во Европа и се поцврста Унија, во која одлуките се донесуваат што е можно поблиску до граѓаните.

Со договорот е зајакната улогата на Европскиот парламент во законодавниот процес и се воведува постапка на соодлучување, се прошируваат областите во кои се одлучува со квалификувано мнозинство и принципот на второстепено одлучување е воспоставен како општ принцип на ЕУ.

Иако критериумите се прекршени повеќе од 200 пати, казна не е изречена ниту еднаш.

Откако е потпишан Договорот од Мастрихт, европските држави станаа поповрзани додека некои подрачја на политиката, на пример економска и фискална политика, и натаму се во национална надлежност.  Европските челници се одлучија да преземат и дополнителни чекори заради натамошна интеграција меѓу европските држави:

– Пакт за стабилност и раст склучен 1997, со цел да се осигура државите да се придржуваат на здравите буџетски политики.

– Европски стабилизациски механизам е основан со цел давање финансиска помош на државите од европското подрачје, кои се наоѓаат во сериозни финансиски потешкотии или им претстојат такви потешкотии.

– Единствен надзорен механизам и Eдинствен санациски одбор се основани по финансиската криза со цел европскиот банкарски систем дополнително да се осигура и за да се зголеми финансиската интеграција и стабилност.

Денес, повеќе од 510 милиони граѓани од 28 држави членки ги уживаат погодностите на европската соработка. А 25 години откако е договорен планот за негово воведување, еврото стана втора светска валута со која најчесто се тргува и дел е од секојдневието на 340 милиони граѓани во 19 држави.