Судскиот процес против поранешниот француски претседател Никола Саркози во аферата против корупцијата и трговија со влијание заврши вчера во Париз, а одлуката на судот е закажана за 1 март 2021 година.

„Сè уште имам доверба во правдата на нашата земја“, рече Саркози.

Обвинителството за Саркози и за уште двајца обвинети во истото судење – поранешниот судија Жилбер Азибер и поранешниот адвокат на Саркози, Тиери Ерзог, побара исти казни – четири години затвор, од кои две условно.

За Ерзог е побарано и да му биде забрането пет години да се занимава со адвокатура.

Судијата на крајот на судењето рече дека аферата има разорни последици што влијаат на вредностите на Републиката затоа што ги загрозила правосудната институција, адвокатската професија и имиџот на претседателот.

На Саркози, кој беше претседател од 2007 до 2012 година, му претстои уште едно судење во пролет 2021 година – заедно со уште 13 лица е обвинет за незаконско финансирање на неговата претседателска кампања во 2007 година.

Пред Саркози, чие судење се смета за преседан во Франција, и друг поранешен претседател се соочи со судење по напуштањето на функцијата. На Жак Ширак му се судеше за проневера, но не за време на неговиот претседателски мандат, туку додека беше градоначалник на Париз.