Сите сојузници на НАТО се согласија Украина да стане членка на алијансата, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг кој беше во посета на Киев. Сепак, не е прецизирано кога тоа би можело да се случи, со оглед на тоа што ова е крајната црвена линија за Русија.

Говорејќи во пресрет на состанокот на министрите на земјите-членки на Алијансата, што се одржува во базата на НАТО Рамштајн во Германија, Столтенберг им рече на новинарите дека „еден ден војната ќе заврши, Украина мора да има можност да спречи некои натамошни напади“.

Според Столтенберг, главниот фокус сега е да се осигура дека Киев ќе ја победи Русија.

Да потсетиме, Столтенберг вчера беше во првата официјална посета на Киев, каде што се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој изјави дека е време НАТО да донесе политичка одлука и да ја покани Украина да се приклучи на воената алијанса.

На заедничката прес-конференција во Киев со шефот на НАТО, украинскиот лидер рече дека самитот на НАТО во Вилнус во јули може да стане „историски“ и додаде дека добил покана да присуствува на него.

Не е јасно како НАТО сојузниците се договориле за влез на Украина во Алијансата, бидејќи уште вчера германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека сега не е време да се одлучува за членството на Украина во НАТО.

Од друга страна, ако и кога Украина стане членка на најголемата воена алијанса, тоа ќе значи дека Русија ќе го има НАТО на својата граница, со уште една земја, бидејќи Финска му се приклучи на тој сојуз на почетокот на април, што речиси го удвои границата меѓу Алијансата и Русија, која има граница со Финска од дури 1.300 километри.

Од официјална Москва неколкупати се повтори дека за Русија влезот на Украина во НАТО е нешто што земјата нема да го дозволи и дека тоа е „црвена линија“.