Меѓународната заедница го осуди воениот удар во Мјанмар, откако тамошната армија прогласи вонредна состојба рано утрово, a потоа ги уапси владините претставници и ја презеде власта.

Власта беше предадена на врховниот командант на вооружените сили, генерал Мин Аунг Хлаинг. Војската потврди дека високи претставници на Националната лига за демократија (НЛД), вклучително и добитникот на Нобеловата награда за мир и лидер на партијата, кои освоија убедлива победа во ноември, се уапсени и ќе биде прогласена вонредна состојба до следната година.

Причината за воведување на вонредна состојба е наводната измама на минатогодишните општи избори во Мјанмар.

Обединетите нации го осудија воениот удар и ја повикаа војската да ги ослободи уапсените лидери во земјата, вклучително и Су Чи.

Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, рече дека настаните во Мјанмар претставуваат „сериозен удар врз спроведените демократски реформи“ и побара од сите лидери да се воздржат од насилство и да ги почитуваат човековите права.

Соединетите држави, Австралија и Сингапур изразија ужас во врска со воената прогласување вонредна состојба и апсењата за кои армијата тврди дека биле извршени поради „изборна измама“.

Денес, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, ја осуди воената интервенција и преземањето на власта во Мјанмар и побара да бидат ослободени сите кои беа приведени од армијата во рациите низ целата земја.