Францускиот претседател, Емануел Макрон, се залага за нови преговори за шенгенскиот простор дури и ако резултатот од таквата идеја би значел намалување на бројот на држави што ќе бидат опфатени од тој нов шенгенски простор.

Макрон оцени дека заедничките граници, Шенгенот, како и Даблинскиот договор веќе не функционираат, потенцирајќи го неуспехот на ЕУ да го ревидира системот за азил. Бегалската криза што ја погоди Европа во 2015-2016 година, покажа дека голем број баратели на азил не сакаат да останат во земјата на прв влез во ЕУ, најчесто во Грција, Италија или Шпанија, туку бараат да стигнат до Германија или Шведска.

Идејата на Макрон не е нова. Тој на неформалниот самит на ЕУ во Салцбург лани ги критикуваше државите од Вишеградската група затоа што одбиваат да преземат мигранти во рамки на програма за распоредување.