Администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп имала договор со министерот за одбрана на Венецуела за апсење на претседателот на таа земја, Николас Мадуро за време на обидот за воен удар во неделата. Ова го објави шпанскиот весник „АБЦ„ повикувајќи се на извор во американскиот Национален совет за безбедност.

Сепак, според извештајот, „попуштило срцето“ на министерот и тој во последен час се премислил.

Наводно, според весникот, министерот Владимир Падрино Лопез телефонски постигнал договор по неколкумесечни контакти, но тој во последен момент се премислил.

Падрино заедно со уште неколку министри и генерали наводно имале договор постигнат со самопрогласениот претседател Хуан Гваидо и според тој нацрт-договор се предвидува спроведување нови избори во период од еден месец – едно од главните ветувања на Гваидо, како и негово признавање за „легитимен и привремен претседател“.

Доколку се спровел тој план војската ќе имала одврзани раце да му каже на Мадуро дека ќе мора да ја напушти земјата и да замине за Куба, или ќе му се суди.

Според извештаите, тие договори требало формално да се потпишат во базата Ла Карлота во Каракас, од каде Гваидо во вторникот ги повика ариските сили и граѓаните да им се приклучат во конечното соборување на Мадуро.

Како и да е, војската не се приклучи на тие повици, а извештаите на АБЦ велат дека клучниот човек заради што воениот удар не успеал е токму министерот Падрино. Во истиот напис, пак, се додава дека Белата куќа не знаела што точно се случувало во вторникот.

Специјалниот пратеник на САД во Боливарската република, Елиот Енџел изјавил во средата дека високи претставници на Венецуела, кои претходно преговарале соборување на Мадуро, „ги исклучиле мобилните телефони“.